Извештајот на Пентагон конечно ја реши мистеријата за НЛО од 1960-тите

Ненадејното зголемување на бројот на забележани НЛО во 1960-тите веројатно било предизвикано од тестови на напредни американски шпионски авиони и вселенска технологија, се заклучува во извештајот на Пентагон.

Наодите, претставени во извештајот до Конгресот во петокот, исто така велат дека „нема докази“ дека американската влада имала интеракција со вонземјани, јавува Би-Би-Си.

Повеќето објекти за кои се смета дека се НЛО или „неидентификувани аномални феномени“ (УАП) се всушност обични објекти, велат официјалните лица.

Но, исто така, се истакнува дека извештајот нема да ги одврати оние кои веруваат дека вонземјаните слетале на Земјата.

Појавата на телевизиски програми, книги, филмови и огромно количество содржини на Интернет и социјалните мрежи фокусирани на теми поврзани со UAP најверојатно влијаеле на јавниот дискурс на темата и ги зајакнале таквите верувања кај некои сегменти од населението, според извештајот.

Портпаролот на Пентагон рече дека официјалните лица имале отворен пристап до извештајот, но едноставно не пронашле докази за вонземски посетители.

– Сите напори што ги вложивме во оваа истрага, на сите нивоа на класификација, покажуваат дека повеќето од забележаните се обични предмети и појави и резултат на погрешна идентификација – изјави генерал-мајор Пет Рајдер.