По реакцијата на македонската Амбасада во Ватикан за неточната информација за местото на раѓање на Мајка Тереза која што се појави во брошурата подготвена од Ватиканските власти за нејзината канонизација, денеска Државниот секретаријат на Ватикан упати извинување и дава појаснување како настанала грешката.
Државниот секретаријат ја поздравува амбасадата на Република Македонија и би сакал да даде појаснување во однос на биографијата на англиски јазик на Мајка Тереза во литургиската брошура за мисата по повод канонизацијата одржана на 4 септември 2016 година. Поради грешка во преводот на оригиналниот текст на италијански јазик, местото на раѓање беше погрешно припишано на Албанија. Текстот требаше да гласи „Тереза од Калкута (Гонџа Агнес Бојаџиу) е родена во Скопје, на 26ти август 1910 година, како петто и последно дете од албански родители Никола и Дране Бојаџиу“, се вели во дописот до македонската амбасада во Ватикан.
Искажувајќи најискрено извинување за овој пропуст, се додава во него, Државниот секретаријат повторно ги истакнува многу добрите односи помеѓу Република Македонија и Светата Столица и изразува највисока почит кон амбасадата на Република Македонија.
Македонската амбасада во Ватикан вчера соопшти дека веднаш реагирала по неточната информација за местото на раѓање на Мајка Тереза.
Првата реакција е испратена од страна на нашата Амбасада во Ватикан, додека потоа и македонската државно-црковна делегација која што присуствуваше на церемонијата упати остра реакција, со барање брошурата да биде повлечена, грешката исправена и побара објаснување од Ватиканските власти за овој пропуст на организаторот, се наведува во соопштението.
По реакциите, на примероците од официјалните делегации е корегирана грешката.
Грешката беше само на англиската верзија на брошурата.