Извлечени се телата на двајцата планинари од Македонија од врвот Кајмакчалан и се симнуваат кон скијачкиот центар каде што доктори од итната служба ќе треба да констатираат дека момчето и девојката од Македонија се мртви, дознава МИА од грчката противпожарна служба.
Две лица, планинари од Македонија, загинаа на врвот Кајмакчалан на планината Ниџе во Грција, најверојатно по пад во бездна.
Според информациите на МИА од Атина, најверојатно станува збор за 25-годишна девојка и 35- годишен маж, планинари кои биле во група од околу педесет лица во областа Агиос Атанасиос, Пела, а се разделиле од групата и се загубиле.
Грчката противпожарна служба, вчера добила повик за помош и од 14,30 часот, започнала спасувачката акција со три возила и 13 спасувачи. Доцна во ноќта, планинарите биле лоцирани во непрооден дел, но за жал не давале знаци на живот. По лоцирањето на местото каде што паднале двајцата планинари, од рано утрово, траеше акцијата на грчките пожарникари за извлекување на телата на планинарите.
Лошите временски услови на Кајмакчалан дополнително ја отежнуваа работата на спасувачките екипи. По исчезнатите се трагаше со хелихоптер, а во акцијата беа вклучени македонската гранична полиција, Центарот за управување со кризи, а на помош беа повикани и искусни алпинисти од горската служба.
Двете лица по кои се трагаше се членови на планинарското друштво „Трансверзалец“, биле обучени за искачување на големи височини, а девојката имала и сертификат за водич.