Изводите со графа националност се неуставни, одлучи Уставниот суд, Лога не го испочитувал уставниот рок од 7 дена

Објавувањето со задоцнување од 10 дена го урна Упатството за изводи со национална припадност. Уставниот суд смета дека суштинска повреда на Уставот е што министерот за правда Кренар Лога го доставил до архива потпишаното упатство на 29-ти мај а објавено е дури по 17 дена, наместо во рок од една недела. Поради тоа, поништено е упатството кое овозможи во изводите да се внесе и графата националност.

На 5-ти јули по сопствена иницијатива Судот поведе постапка и изрече времена мерка за стопирање на ваквите изводи. Оние граѓани што ваделе извод во тој кус период од 20-тина дена додека важело Упатството, ќе треба самите да бараат поништување на документот.

Министерот Кренар Лога извади извод од Матичната книга на родените во кој е евидентиран како Албанец токму на 27-ми јуни и веднаш го објави на социјалните мрежи. Излезе со тврдење дека Упатството целосно е во согласност со законот од 1995-та, кој предвидува во Матичната книга на родените да се води податок за националноста на родителите. Не се согласи со мислењето на мнозинството уставни судии дека тој податок не треба да биде содржан и во изводот и најави ново Упатство со иста содржина. Конечниот став ќе го изнесе на утрешниот брифинг.

Потегот на Лога го поздравија бугарските здруженија и фондации. Веднаш ги повикаа Македонците кои сакаат да извадат бугарски пасош да ја олеснат процедурата со нов извод во кој ќе впишат бугарска националност.

Пред Судот е уште една и иницијатива поднесена од Левица со која се оспорува Упатството, но за неа не е ниту расправано ниту одлучувано.