Преговарачите во средата постигнаа повеќефазен договор за ставање крај на војната во Газа меѓу Израел и Хамас, изјави за Reuters извор запознаен со разговорите, по 15 месеци војна што однесе десетици илјади животи и ја претвори палестинската енклава во урнатини.
Договорот, кој сè уште не е официјално објавен, повикува на првичен шестнеделен прекин на огнот, постепено повлекување на израелските сили од Појасот Газа и ослободување на заложниците кои ги држеше Хамас во замена за Палестинците приведени во Израел, изјавил израелски официјален претставник. .
Во првата фаза ќе бидат ослободени 33 израелски заложници – жени, деца и мажи над 50 години.
Преговорите за спроведување на втората фаза ќе започнат на 16-от ден од првата, а се очекува да опфатат ослободување на сите преостанати заложници, траен прекин на огнот и целосно повлекување на израелските сили од палестинската енклава.
Се очекува во третата фаза да бидат вратени телата на сите загинати и да започне реконструкцијата, под надзор на Египет, Катар и Обединетите нации.
Договорот меѓу двете страни доаѓа по неколкумесечни тешки преговори со посредство на Египќаните и Катарците со поддршка на САД, а неколку дена пред инаугурацијата на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп на 20 јануари.
Од Хамас, доминантната палестинска милитантна група, изјавиле за Reuters дека нејзината делегација им дала зелено светло на преговарачите да се согласат со договорот и враќањето на заложниците. Палестински функционер, кој сакал да остане анонимен, претходно изјави дека Хамас усно го одобрил прекинот на огнот и дека чека повеќе информации пред да го даде својот потпис.
Доколку биде успешен, овој договор ќе стави крај на борбите што речиси целосно ја уништија Газа, неколкупати го раселуваа речиси целото нејзино население од 2,4 милиони од своите домови и однесоа десетици илјади животи.
Договорот може да ги намали и тензиите на поширокиот Блиски исток. Војната во Газа ја прошири нестабилноста на окупираниот Западен брег (другата палестинска енклава на реката Јордан), Либан, Сирија, Јемен и Ирак и ги поттикна стравувањата од отворена војна меѓу Израел и Иран.
Дури и ако двете страни го спроведат сегашниот договор, ќе бидат потребни дополнителни преговори пред да се постигне траен мир и да се ослободат сите заложници.
Масовна обнова
Доколку сѐ биде во ред, Палестинците, арапските држави и Израел сè уште треба да се договорат за визијата за повоена Газа, тешка задача која ќе вклучува безбедносни гаранции за Израел и милијарди долари инвестиции за реконструкција.
Нерешено е прашањето кој ќе управува со Појасот по војната. Израел исклучува дека тоа би можело да биде Хамас, групата која владее со Газа по изборите од 2007 година, но исто така се спротивставува на авторитетот на Палестинската самоуправа, тело основано со Договорот од Осло пред три децении а на чие чело е ривалското палестинско движење Фатах на претседателот Махмуд Абас.
Израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Сар најави дека ќе ја прекине посетата на Европа и ќе се врати во Израел за да учествува на состанокот на кабинетот за безбедност и владиното гласање за договорот, што значи дека тој би можел да се одржи веќе во четврток.