Извозот на природен гас од Норвешка во Европа паднал за 6,7 отсто во 2023 година поради одржувањето, но достигнал рекордно ниво во декември, објави во средата операторот со тамошниот гасоводен систем „Gassco“.
Според извештајот, „Gassco“ минатата година испорачал 109,1 милијарди кубни метри гас во Европа преку цевководната мрежа од 8.800 километри, пренесува Reuters. Во 2022 година испорачале 116,9 милијарди кубни метри.
Податоците за 2023 година досега не ѝ беа познати на јавноста, забележува Reuters.
Во декември испораките достигнале нов месечен рекорд од 11,1 милијарди кубни метри, со стабилно производство, достапност на преработувачки капацитети и стабилна побарувачка.
„Декември беше фантастичен за производство на норвешкиот епиконтинентален појас“, изјавил за Reuters Алфред Скаар Хансен, потпретседател на одделот за операции во системот на „Gassco“.
Епиконтиненталниот појас ги опфаќа морското дно и подземјето надвор од територијалното море.
Во 2022 година, Норвешка ја престигна Русија и стана главен снабдувач на гас во Европа, откако Европската унија воведе санкции за Москва подади руската инвазијата во Украина, поради што Русија ја прекина испопраката на гас. Покрај тоа, целосната испорака на гас од Русија во Европа беше запрена по експлозиите на четирите цевководи од гасоводите Северен тек 1 и 2 преку кои Германија и Европа добиваа евтин руски гас. За експлозиите наградуваниот ветеран на американското истражувачко новинарство Сејмур Херш, повикувајќи се на американски разузнавачки ивори, посочи токму на соработка меѓу Норвешка и САД.
Од „Gassco“ најавија пообемни работи за одржување во 2023 година кои беа одложени една година порано за да се обезбеди максимално искористување на капацитетот на мрежата и извозните терминали. Во такви услови, снабдувањето со гасоводи за Европа падна за 6,4 отсто во периодот од јануари до август, а во септември производството падна на најниско ниво во последните четири години.