Извозот за една година падна за 6,5, а увозот за 0,8 отсто

Вкупната вредност на извозот на стоки од Република Северна Македонија, во периодот јануари – декември 2024 година, изнесува 7.781,2 милиони евра и бележи пад од 6,5 % во однос на истиот период од претходната година.

Вредноста на увeзената стока, пак, во истиот период, е 11.062,4 милиони евра, што е за 0,8 % помалку од 2023 година. Трговскиот дефицит изнесува 3.281,2 милиони евра, соопшти Државниот завод за статистика.

Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари – декември 2024 година, изнесува 70,3 %.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821,1 и други катализатори на носачи.

Во увозот најмногу се застапени нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, платината и легурите на платина, необработени или во прав и други моторни возила за превоз на лица.

Според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, земјава најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Кина и Србија. са/Фото: МИА архива  .