Извозот на стоки од Македонија во првите три месеци од годинава бележи зголемување од 17, а увозот 13 отсто.
Како што објави Државниот завод за статистика покриеноста на увозот со извоз е 65,6 проценти, а трговскиот дефицит изнесува 584.031.000 американски долари.
Македонија најмногу извезува катализатори на носачи со благородни метали или нивни соединенија и облеката, а увезува платина и легури на платина, необработени или во прав, електрична енергија и други метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав.
Од вкупно извезените стоки, 80,1 проценти завршиле во ЕУ, а 12,4 проценти во земјите од Западен Балкан. Најмногу или 63,2 проценти се увезувало од ЕУ.
Според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, Република Македонија најмногу тргува со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Италија. Со овие земји се врши 52,1 отсто од вкупната надворешно-трговска размена.