Поранешниот градоначалник на Карпош, Стевче Јакимовски, e спроведен во Кривичниот суд во Скопје пред судија на претходна постапка.
Финансовата полиција поднесе кривични пријави до Обвинителството за гонење на организиран криминал против екс градоначалникот на Карпош Стевчо Јакимовски и против четворица негови соработници дека го злоупотребиле буџетот на општина Карпош за 600.000 евра.
Во судот се спроведени и четворица соработници кои се осомничени со него.
Злоупотребувајќи ја службената положба и овластувања, според Финансиската полиција, Јакимовски и неговите соработници им овозможиле да се стекнат со противправна имотна корист на правните лица Алконпроект во износ од 33.789.441 денари и С.М. Компани во износ од 2.845.234 денари, со што го оштетиле буџетот на општината Карпош вкупно за 36.634.675 денари (околу 595.000 евра).
Според пријавата, Јакимовски во 2012 и 2013 година во две јавни набавки незаконски ја ангажирал фирмата Алконпроект ДООЕЛ од Тетово иако оваа компанија не доставила банкарска гранција дека квалитетно и навремено ќе ја заврши работата, што и било законска должност според тендерската документација и членот 48 од Законот за јавни набавки. Јакимовски наместо да го раскине договорот и да ја наплати банкарската гаранција на понуда, тој му дозволил на изведувачот да започне да работи согласно договорите, а потоа поради ненавремено и неквалитетно извршување на работите го раскинал договорот, со што и овозможил на фримата да се стекне со противправна имотна корист на име на неплатени и необезбедени банкарски гаранции во висина од 15.000 евра, а на штета на буџетот на општина Карпош.
Јакимовски се товари и дека му дозволил на Алконпроект да започне со градежни активности без одобрение за градење, без идеен проект и без основен и изведбен проект. Исто така, според пријавата Јакимовски давал усни инструкции на изведувачот да реализира позиции во поголеми количини од предвидените во техничката спецификација, како и да реализира позиции кои воопшто не биле предвидени во техничката спецификација со што овозможил на фирмата да се стекне со противправна имотна корист во висина од околу 540.000 евра од сметката на општина Карпош.
Исто така, Јакимовски се товари и дека и во 2016 година потпишал договор со фирмата ДГПТУ СМ Компани од Свети Николе за партерно уредување на паркот во Жданец иако знаел дека фирмата не понудила банкарска гаранција за квалитетно и навремено извршување на работотата. Исто така, иако Јакимовски знаел дека изведувачот не може да започне со градежни работи, бидејќи во договорот пишувало дека тој ќе биде валиден од моментот на достава на банкарска гаранција, тој му озвоможил на изведувачот да ја заврши работата предвидена со договорот, со што му озвоможил да се стекне со противправна имотна корист од 47.000 евра.