Јакимовски осомничен за незаконска легализација и откуп на земјиште

Одделот за сузбивање на организиран криминал и корупција на МВР до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе кривични пријави против поранешниот градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски и уште четири лица Т.Ѓ (62), В.С.(43), М.Т. (59) и Р.Д. (60) сите од Скопје, поради постоење сомнение за сторено кривично дело – „злоупотреба на службена положба и овластување“.

Портпаролот на МВР, Тони Ангеловски, соопшти дека е поднесена кривична пријава и против лицата Г.Р. (51) во својство на управител на „Гром Промет“ ДООЕЛ Скопје, Ч.А. (67) во својство на управител на “ЕМАГ“ ДОООЕЛ Скопје, С.П (53) во својство на управител на “ДОТ МЕБЕЛ“ ДООЕЛ Скопје, и Т.К. (58) во својство на физичко лице, поради постоење основи на сомнение дека го сториле кривичното дело -„поттикнување“ во врска со кривичното дело – „злоупотреба на службена положба и овластување“. Во текот на денов, со наредба за приведување пред судија на претходна постапка веќе се изведени лицата С.Ј., Т.Ѓ и В.С.

-Постапувајќи по барање за утврдување на правен статус на објекти лоцирани на Илинденска, осомничените преземале дејствија, иако знаеле дека објектите за кои се поднесува барањето за утврдување на правен статус од страна на фирмите всушност не се бесправно изградени, туку времени монтажни бараки изградени на земјиште во сопственост на државата и не смееле да бидат предмет на постапка за утврдување на правен статус на бесправно изградени објети. Сепак и покрај ова пријавените во Општина Карпош постапиле по поднесените барања и спротивно на законот на времени објекти им дале третман на бесправно изградени, со што овозможиле нивно вклопување во планска документација – изјави денеска портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.

Така, на „Гром промет“ противпрвно му е овозможено да се стекне со имотна корист во вкупна површина од 1533 метри квадратни. Во 2016 ова земјиште имало вредност од 28 милиони денари, или 450.000 евра.

Фирмата „Емаг ДООЕЛ Скопје“ против правно се стекнала со имотна корист во површина од 722 м2. Ова земјиште во 2016, кога било извршено кривичното дело, имало вредност од најмалку 13 милиони денари, или 211.000 евра.

На „Дот мебел“ и на Т.К., пак, им е овозможено да се стекнат со ексклузивно право на откуп на земјиште во висина од 450 денари од м2, додека на јавно надавање метар квадратен од оваа парцела би се продавал со почетна цена од 300 евра.