Јакимовски: СДСМ покажа дека е инсталирана марионетска Влада

Претседателот на Граѓанската опција за Македонија (ГРОМ), Стевчо Јакимовски денеска истакна дека Македонија слави црн јубилеј од 75 дена од владеењето на, како што рече, најненародната Влада на Република Македонија во поновата историја.

„Ниту една Влада на РМ, не направила толку зло на државата како што успеа оваа. СДСМ на чело со Зоран Заев за само два ипол месеци успеа да ги исфрли од употреба зборовите ’македонски народ’ и за нив тој како да не постои? За жал, овие луѓе од нас Македонците за само 75 дена направија најпонижен народ. СДСМ, Заев и нивната петта колона, го толчат македонскиот народ со закани, меѓународни договори, и како малку да им беше контроверзниот договорот со Бугарија , сега носат стратегија за бегалците со која сакаат да не докусурат“, посочи Јакимовски.

Со оваа стратегија, рече лидерот на ГРОМ, покрај тоа што на бегалците ќе им дадат станови, ќе ги образуваат и ќе ги вработуваат со наши пари , тие и бројчано ќе не анулираат. Покрај сето ова, тие на бегалците ќе им дадат право на глас, а истиот тој СДСМ, беше против да гласаат Македонците од дијаспората.

„Ние од ГРОМ и пред две години, и сега сме во право кога велевме дека се прави обид да се воспостави марионетска Влада во Република Македонија. Гледаме дека денеска таа функционира. Тие што се бореа против наводниот режим, сега сакаме јавно да ги прашаме: Дали е ова тоа за кое тие се бореа, ова што сега го прави СДСМ“, праша Јакимовски.