Верска секта, по завршените обреди и пеење, се впушта во кражба на цвеќиња, открива градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски откако завчера попладне на дело беа фатени несовесни граѓани како откорнуваат цвеќиња од јавното зеленило кај трговскиот центар Лептокарија.
„Се собираат во стан во Kарпош 4, кој е изнајмен од една госпоѓа со американско државјанство, која им е пасторка, односно, раководи со сектата. Станарите од зградата велат дека по завршувањето на обредот и пеењето, тие со комбе атакуваат на цветните површини“, изјави Јакимовски.
Тој, како што пишува весникот „Дневник“, додаде дека лично фатил еден од нив како откорнува цвеќиња.
„Беа откорнати седум-осум цвеќиња. Тој беше со комбе и кога го отвори во него најдовме цвеќиња. Веднаш беше повикана полицијата“, раскажа градоначалникот Јакимовски.
Од Секторот за заштита на животната средина и природата во Kарпош информираа дека редовно ги уредуваат и разубавуваат зелените површини.