Јакимовски: Со овој договор треба да се откажеме од човековите права на нашето национално малцинство во Бугарија

Откако е дадена таа изјава, од посетата на Заев во Бугарија до денеска, било да се работи за националист, за ултранационалист или за било каков званичник или поранешен функционер во Бугарија, сите со потсмев гледаат на овој договор, изјави во гостувањето во вестите на ТВ Нова градоначалникот на општина Карпош и лидер на партијата ГРОМ, Стевчо Јакимовски.

„Не постои изјава која е дадена неутрално или го афирмира договорот и Зоран Заев, туку напротив, сите овие изјави прават голема штета“, додаде Јакимовски.

Потсети како потпретседателката на бугарската влада Захариева со цинизам и со потсмев зборуваше дека „да“ – Македонија бара да стои македонски народ и македонски јазик, но преговорите за договорот се затворени.

„Тоа прави огромна штета прво кај Зоран Заев, на неговиот углед, второ, нѐ потценува нас и нѐ понижува како граѓани и трето, можете да замислите дека во бивша Југославија, којашто некои ја сметаа за диктаторски режим, нашите функционери од Македонија кога биле во делегациите со Тито во Бугарија или било каде, слободно можеле да го постават прашањето за македонското национално малцинство во Бугарија, а ние денеска во овој договор треба да се откажеме од барањето за остварувањето на човековите права на нашето национално малцинство во Бугарија и да не смееме воопшто да го поставиме“, рече Јакимовски.