Ако работеше како што треба, за четири години, ДИК ќе го прочистеше избирачкиот список и на Кина – изјави претседателот на Граѓанската опција за Македонија Стевчо Јакимовски на денешната прес конференција која се одржа пред седиштето на ДИК.
Лидерот на ГРОМ изрази сомнеж за ефикасноста и начинот на работа, според кој функционира оваа институција.
Сакаме да прашаме дали Државната изборна комисија работи во интерес на државата и во интерес на граѓаните на Република Македонија, или работи за партиски интерес. ГРОМ прашува што работат членовите на ДИК за четири години, и зошто досега не е прочистен избирачкиот список. Овие членови земаат дебели плати од илјада и двеста евра, и дополнително после завршување на изборите си поделуваат уште дваесет илјади евра како трошоци за прекувремена работа – заклучи Јакимовски.
Лидерот на ГРОМ ја повика Државната изборна комисија да се зафати со работа, и наместо да биде продолжена рака на партиите, да работи стручно и професионално во интерес на државата и нејзините граѓани, бидејќи и ДИК како институција е битен фактор за излез од политичката криза.