Проектите што ги реализира Капетанијата на пристаништата преку Министерството за транспорт и врски се спроведуваат според предвидената динамика, оцени денеска ресорниот министер Миле Јанакиески.
На состанокот во Капетанијата тој информираше дека биле разгледани акциските планови за седум проекти, кои се во надлежност на Министерството. Посочи дека во изработка е проектна програма за пешачката патека од пристаништето до плажата Лабино, а во овој проект спаѓа реконструкција на пристаништето и означување на пловните патишта.
„Согласно програмата, очекуваме во тек на 2015 да заврши проектирањето, потоа следува јавен повик за градба и реализација на проектот“, изјави Јанакиески.
Во однос на изградбата на марина, ресорниот министер рече дека во изработка е идејно решение. – Во тек на 2015 ќе распишаме повик за изработка на главен проект да видиме колку би чинело, изработка на физибилити студија, во 2016 ќе видиме дали има интерес за приватен партнер, доколку нема, ќе го релализираме по пат на јавно приватно партнерство. Во 2018 треба да биде завршена целосно изградбата и реконструкцијата на постојното пристаниште. Доколку нема заинтересиран јавен партнер, тогаш ќе бараме други извори на финансирање, додаде Јанакиески.
Бродската линија Охрид-Поградец, според министерот, се одвива нормално. Досега направени се осум тури и превезени 630 патници. Денеска е направена и деветтата тура со околу 80 патници.
Првиот човек на Капетанијата Горан Устијаноски ја оцени како задоволителна состојбата во водниот сообраќај.
„Инспекторските служби се постојано на Охридското Езеро, посветувајќи му внимание на секој објект, без разлика дали бил контролиран. Вниамние се посветува и советодавно и сугестивно се делува на секој управувач на чамец или брод. Засега немаме поголеми проблеми во спроведувањето на тие инспекциски контроли и прекршоците што досега ги имаме изречено се во рамки на очекуваното“, изјави Устијаноски.