Со изградба на нова водоводна мрежа и канализациона инфраструктура се решава деценискиот проблем на жителите на Сопиште, Усје, Пинтија и Припор.
На денешната прес конференција на која беа презентирани деталите кои се однесуваат на урбанизацијата на уште еден дел од Скопје, министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, градоначалниците на општините Кисела Вода и Сопиште, Билјана Беличанец – Алексиќ и Стефче Трпковски, заедно со директорот на ЈП „Водовод“, Бојан Василевски го истакнаа значењето на проектот Сончв Град. Согласно проектот, а со финансии од ресорното Министерство и Агенција за финансиска поддршка на рурален развој ќе се изгради потребната инфраструктура за изградба на нова, модерна населба Сончев Град.
Министерот Јанакиески истакна дека Владата на Република Македонија донесе одлука со која ќе се овозможи и изградба на потребните водоснабдителни и канализациски системи, а во тек е и изградбата на регионалниот пат од Скопје до Сончев Град.
„Ние отпочнавме постапка за реализација на Проектот “Изградба на системот за водоснабдување за дел од населените места во општина Сопиште-Регионален водовод Патишка Река“ има големо значење за жителите на населените места во општината Сопиште за решавање на проблемот со водоснабдувањето, за подобрување на животниот стандард на населението, подобрување на комуналната инфраструктура и животната средина и во помагање на развојот на Општината“, појасни Јанакиески кој додаде дека проектот опфаќа изградба на три делници од магистрален цевковод со вкупна должина од околу 22 километри, како и изградба на филтер-станица и пристапен пат до истата.
Министерот образложи дека за реализацијата на Проектот: “Изградба на системот за водоснабдување за дел од населените места во општина Сопиште-Регионален водовод Патишка Река“ се обезбедени средства во буџетите на Министерство за транспорт и врски и Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој на РМ за следните три години при што планирани се средства во висина од 260 милиони денари.
„Исто така, ќе се реализира и проект за изградба на фекална канализација во населено место Сопиште и населбата „Сончев град“ со одведување кон постојните канализациски мрежи во општина Кисела Вода и општина Аеродрoм. Овој проект има големо значење за жителите на населените места во општината Сопиште и општина Кисела Вода за решавање на проблемот со одведувањето на урбаните отпадни води, за подобрување на животниот стандард на населението, подобрување на комуналната инфраструктура и животната средина, а секако ќе го помогне и развојот на овие општини“, нагласи министерот.
Тој појасни дека овој проект опфаќа изградба на две делници, односно фекална канализација од населено место Сопиште низ населба Припор, по улица „Христо Татарчев“ до раскрсница бул „Србија“ со ул. „Борис Трајковски“ и делницата е со вкупна должина од околу 3,8 км од населено место Сопиште, поминува низ населба Припор по улицата „Христо Татарчев“ (поранешна Сава Ковачевиќ) во општина Кисела Вода и завршува кај раскрсницата бул „Србија“ со ул. „Борис Трајковски“. Втората делница е од Сопиште по регионален пат Р302 и низ населено место Усје кон постоечки колектор во нас. Горно Лисиче
Делницата е со вкупна должина од околу 7,0 км од населено место Сопиште, поминува по регионалниот пат Р 302 и низ населено место Усје покрај Усјанскиот канал се врзува на постоечки колектор на ул. Никола Божинов кој води кон препумпна станица во Аеродром.
За овие две делници се одвоени средства во висина од 306.007.218 денари. Јанакиески додаде дека по пат на јавно наддавање беше избран инвеститор кој ќе ја реализира изградбата на потребните објекти, за што во тек е постапката за издавање на одобрение за градење.
„Во тек е и изградбата на патот кој ќе го поврзува Скопје со населбата Сончев Град со што ќе се подобри комуникацијата на општина Сопиште, општина Кисела Вода и Град Скопје со Водно и со новата населба Сончев Град. Патот е со должина од 4.5 километри и претставува инвестиција во вредност од 412.308.314 денари“, изјави денеска министерот кој потенцираше дека Сончев град станува реалност. Се работи за современ станбен комплекс со повеќе објекти кои имаат различни намени и содржини.
Според министерот ова е уште еден проект кој ќе придонесе кон дополнителен економски развој, подобрување на животниот стандард и отворање на нови работни места. Тој додаде дека проектот од инвеститорот е прифатен, дека се пресметани комуналиите и во теков на следниве 15 дена се очекува да се добие дозвола за градба. Министерот Јанакиески појасни дека согласно договорот, инвеститорот има шест години да го изгради долгонајавуваниот Сончев Град.
„Денешниот ден е голем за жителите на Припор и Усје, Пинтија , Стаклара и Градинар. Градењето на канализациската мрежа во овој дел на градот ќе одговори на потребите и барањата на околу 13 000 жители на општина Кисела Вода , значително ќе им го подобри и осовремени секојдневното живеење, што би значело дека септичките јами кои сега се користат, ќе станат минато, што секако, ќе придонесе за зачувување на животната средина и ќе придонесе во понатамошниот развој на општината “, истакна градоначалничката на Кисела Вода, Билјана Беличанец – Алексиќ која додаде дека преку овој проект раѓаните ќе увидат дека преку заеднички пристап и добра соработка меѓу институциите успешно се решаваат нивните долгогодишни проблеми.