Поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска побара изземање на судијката Добрила Кацарска во постапката за случајот „Тенк”, откако нејзините адвокати, Боро Тасевски и Сања Алексиќ, на денешното рочиште доставија мислење од Комисијата за заштита од дискриминација.
Комисијата донела мислење според кое судот отстапил од вообичаената пракса на закажување на рочиштата и дека постои дискриминаторско однесување и постапување што доведува до вознемирување и повреда на достоиснтвото на Јанкулоска како и дека тоа претставува заканувачка, понижувачка и застрашувачка практика. Во мислењето на комисијата, составена од 7 члена, која го разгледувала предметот за случајот „Тенк“ стои дека е утврдено вознемирување од страна на Кацарска до Јанкулоска и дека судијката ја депривилегирала и ја изложила Јанкулоска на деградирачки однос во областа на пол и политичка припадност од член 3 од законот. А од областа на социјалната сигурност и здравствената заштита, како и правосудството и управа од член 4 од истиот закон дошло до вознемирување со повреда на достоинството на Јанкулоска и се создала понижувачка состојба.
Ова мислење, според адвокатите, било доставено до судот кој не одговорил ниту дал образложение дали ќе ја отстрани таа дискриминација како што налагала седмчлената Комисија за заштита од дискриминација.
Адвокатите на обвинетата Јанкулоска барањето за изземање на Кацарска го поткрепуваат и со фактот дека во пресудата која претходно беше донесена за овој предмет од истата судијка, а со која на затворски казни се осудени Никола Груевски и Ѓоко Поповски, Кацарска веќе ја осудила Јанкулоска. Според адвокатите, во пресудата стои дека Јанкулоска го поттикнала Поповски, кој е огласен за виновен, да стори кривично дело, а со тоа, велат адвокатите, на Јанкулоска ѝ е повредено правото на презумпција на невиност.
Сијката Кацарска даде пауза од половина час за претседателот на судот, Иван Џолев, да се произнесе за барањето на адвокатите.