СЈО продолжува да функционира како политичка алатка на СДСМ

Најистурена структура на СДСМ, која што работи единствено кога на Зоран Заев му е потребна помош со цел да ги подобри неговите позиции, вака поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска ја оценува работата на Специјалното обвинителство откако денеска беше повикана на распит.

Јанкулоска вели очигледно е веќе подолго време и јасно им е на граѓаните дека СЈО е само алатка за пресметка со неистомислениците на Заев и СДСМ.

„Очигледно е дека во моментов кога наближува разрешницата на политичката криза на Зоран Заев му е потребна помош и секогаш кога на Зоран Заев му е потребна помош СЈО да и’ излезе со нешто што тие ценат дека оди во прилог на опозицијата односно нешто со што тие ценат дека ги подобрува позициите на опозицијата и на Зоран Заев, меѓутоа на граѓаните на РМ им е јасно дека ова е политичка пресмета со неистомислениците на СДСМ и на Зоран Заев кој впрочем неодамна беше повторно аболициран од СЈО и без разлика колку пати ќе повикуваат претставници на ВМРО ДПМНЕ исходот и впечатокот во јавноста не може да се смени“, рече Јанкулоска.

Таа вели во текот распитот којшто траеше околу час и половина не и’ биле презентирани докази од страна на обвинителите на Катица Јанева, а за информации за тоа што била прашувана и за кој случај е повикана на одговор упати во Специјалното обвинителство.

„За што ме прашувале и за кој случај треба да каже оној кој ве повикал овде бидејќи повикувајќи ве очекувал да пренесете некоја порака. Постапката е тајна значи со оглед на тоа што законот вели дека постапката е тајна јас ќе се држам до она што го вели законот и нема да ја коментирам. Ако некој цени поинаку и смета дека треба да ви даде повеќе информации за она што законот го пропишува како тајна постапката треба да ви даде лично, јас нема да го правам тоа во негово име“, изјави Јанкулоска.

Јанкулоска истакна дека поради своето постапување Специјалното обвинителство го загуби кредибилитетот да води било какви постапки поврзани со правото.

Инаку, неделникот „Република“ објави дека Јанева и специјалното обвинителство планираат засилени активности во текот на оваа недела откако се уверија дека народот не верува во шарените лаги на Заев, а есапот не е ист дома и на пазар.

Активностите на СЈО, како што пишува „Република“, е да се оцрни ВМРО-ДПМНЕ, а да им се фрли коска на медиумите под контрола на СДСМ/Сорос со што би се намалил притисокот врз Заев за нереализирање на сценариото. 

„Сознанијата до кои дојдовме велат дека во Специјалното јавно обвинителство се повикуваат функционери, но и 1000 до 1500 членови. Главна цел на СЈО ќе биде конструирање на предметите поврзани со изборите 2014 година, како и фабрикување на нов кој би се однесувал на финансирањето на партијата. Дел од членовите на ВМРО-ДПМНЕ, кои досега биле повикани, потврдуваат дека обвинителите и истражителите од СЈО се служеле со истите методи и техники. Лажно ги обвинувале дека знаеле дека тие не донирале за сопствената партија, блефирале дека наводно имале снимки од банките со кои се потврдувало дека тие не ги уплатиле парите обидувајќи се да ги заплашат дека криминал било и ако некому му дале пари да уплати како донација за партијата. Следувале и стандардните закани дека ќе одат во притвор ако не кажеле кој им ги дал парите“, пишува Република.

Правните експерти, како и Јанкулоска, во повеќе наврати во изминатиот период претходно посочуваа дека начинот на којшто СЈО настапуваше и функционираше фрли сомнеж врз професионалноста и независноста на оваа институција.

 

„Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ јасно има соопштено дека не е подготвена да даде поддршка на СЈО во смисла на продолжување на мандатот и усвојување на барањата. Меѓутоа причини кои што беа изнесени при соопштението дека нема да има поддршка од страна на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ е сомнението во професионалноста и во непристрасноста на СЈО илустрирано со невообичаениот начин на дејствувањето од почетокот до пред некое време, во кое што најкарактеристични беа оние конференции за печат во кои што се
изнесуваат на мошне драматичен начин интересен за гледање податоци од пред истражна постапка која што по дефиниција е тајна“, оцени неодамна професорот Владо  Поповски.

Тој смета дека во еден период во кој што секогаш беше предизборен СЈО имаше функција на драматизирање на јавната свест и на расположението, при што се изнесоа сомненијата за параполитичка функција на СЈО, за што и само обвинителство има дадено за основа.