Јанкулоска: Заев е инструмент на странски служби

Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска на вчерашната трибина на ВМРО-ДПМНЕ во Крива Паланка рече дека масовното присуство на трибините е потврда дека граѓаните се заинтересирани за реалниот живот, а не за она што некој го говори и се обидува да го прикаже.

-Трет месец сме соочени со пласирани информации од Зоран Заев и мислење дека народот ќе поверува во она што се говори во сечените, лепени, монтирани, креирани материјали. Наспроти тоа, ние водиме позитивна политика, настојувајќи да дадеме одговор на она што го бара народот – да ги решиме неговите проблеми. Нашиот стил на работа е тимски во интерес на граѓаните, за разлика од Заев кој не е свесен дека е само инструмент на странски служби за остварување туѓи интереси, рече Јанкулоска додавајќи дека целта на Заев не е само да изгради погрешна виртуелна реалност за Владата и Република Македонија, туку тој, како што рече, е директно инволвиран во сценарио за дестабилизација на државата.

– Најжестокиот удар на опозицијата оди токму кон дестабилизацијата на безбедносниот систем. Таа агенда на Заев е да продуцира конфликт меѓу Македонците, Србите, Власите, Бошњаците, Ромите…, каде секој ќе се плаши од секого, а во таква состојба лесно е да се донесат нерационални одлуки. Но, народот е мудар. Тој го прави изборот врз база на сопственото искуство. Она што го цени народот, она со кое ни ја дава, но и ни ја одзема довербата и така се цени дали довербата е заслужена, рече Јанкулоска.

Таа додаде дека најважната порака на ваквите средби е секогаш да се биде со народот, да се слушнат неговите проблеми и да се најде одговор на нивните решенија.

-Силата на ВМРО-ДПМНЕ  е народот, а Република Македонија е многу посилна од она што го проценил Зоран Заев и многу посилна од она што го процениле неговите наредбодатели. Се додека ја имаме вашата поддршка нема зошто да се плашите за иднината на Македонија. Судете по делата, по она што политичарите го направиле за вас како поединец и за доброто на вашето семејство, порача Јанкулоска.

На трибината се обрати и градоначалникот на Крива Паланка Арсенчо Алексовски кој ја истакна важноста од соработката на локалната со централната власт.

Рече дека таа е неспорна и народот ја препознава бидејќи од 2009 досега благодарение на таа соработка се реализирани голем број проекти базирани врз принципот на партијата дека ветеното мора да се оствари, а дадениот збор да се одржи.