Соборениот украинскиот претседател Виктор Јанукович повика на референдум за статусот на секој регион во составот на Украина, пренесе „ИТАР-ТАСС“.
„Како претседател кој е со вас во мислите и душата своја, го повикувам секој нормален граѓанин на Украина да не дозволува да биде искористен. Инсистирајте за одржување референдум за решавање на статусот на секој регион во составот на Украина“, се вели во обраќањето на Јанукович до украинскиот народ, добиено од „ИТАР-ТАСС“.
Јанукович смета дека единствено референдумот, а не предвремените претседателски избори ќе можат да ја стабилизираат политичката ситуација и да го задржат суверенитетот и интегритетот на Украина.
Поранешниот претседател изрази уверување дека донесените измени во законодавството, што тој ги опиша како неуставни, вклучувајќи ги и изборите за претседател на Украина ја исклучуваат можноста за чесни претседателски избори, без разлика кога би се одржале истите.
Покрај тоа, Јанукович побара да биде исклучен од Партијата на регионите и да му бидат одземени ингеренциите на почесен претседател.