Јанушев: Фирмата на Вице добила концесија и за експлоатација на руда

Игор Јанушев, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, денеска на прес-конференција презентираше, како што рече, нов скандал со којшто Зоран Заев им овозможува богатење на своите фирми.

Веќе е познато дека фирмата „Тотал инжинеринг“ во сопственост на братот на премиерот Зоран Заев, Вице Заев, прави бизнис тежок 4,5 милиони евра по принципот купи-продај земјиште во Струмичката касарна на кое сега градат згради, рече Јанушев, кој додаде дека истата оваа фирма сега добила уште еден вносен бизнис од државата.

Како што истакна генералниот секретар на опозициската партија, фирмата „Тотал инжинеринг“ во сопственост на Вице Заев пред само две недели, или поточно на 24 април, добила концесија за експлотација на минерални суровини на локација во село Дукатино, општина Василево.

Оваа концесија ја добива од Владата на Зоран Заев. Значи повторно Заев му дава бизнис на Заев и на тој начин ја шират бизнис-империјата како канцер во македонската економија. За да не биде до толку очигледно во јавноста, одлуката со која избира фирмата во име на владата ја потпишува Оливер Спасовски како потпретседател. За оваа точка, ниту владата информираше, ниту ја објави во јавност, рече Јанушев.

Тој информираше дека одлуката на Владата била донесена на 24 април годинава, а на 2 мај била објавена на страница 29 во Службен весник на Република Македонија бр.78.

За да скандалот биде уште поголем Зоран Заев повторно е фатен во лага. Имено, кога фирмата на неговиот брат Вице Заев, „Тотал инжинеринг“ се доведе во корелација со скандалот каде што има сомнеж за превоз на јаглен во РЕК Битола, тогаш Заев изјави дека камионите и механизацијата која припаѓа на истата таа фирма донеле одлука да ја продадат. Истиот ден кога го кажа ова, во Службен весник е објавено дека фирмата „Тотал инженеринг“ добила концесија за ископ на глина, вели Јанушев.

На крајот тој праша уште колку бизниси добиваат Заеви во исто време, додека Зоран Заев е премиер на Република Македонија и дали обвинителството не гледа во ова сомнеж за криминал и злоупотреба на службената позиција.