
ВМРО-ДПМНЕ од самиот почеток е против договорот со Грција за промена на уставното име на Република Македонија, а неговото поистоветување со интерграциите во Европската унија и НАТО претставува апсурд, рече во вторникот Игор Јанушев, генерален секретар на најголемата опозициска партија, во текот на гостувањето во емисијата „Топ Тема“ на телевизија Телма.
Јанушев, исто така, потача дека неговата партија не го подржува и никогаш нема да го поддржи овој, како што го оцени, капитуалнтски договор.
„Ние од самиот старт сме против договорот и ставањето на европска Македонија и поврзувањето на референдумот исклучително само со ЕУ и НАТО е еден добар спин кој што се обидува партијата на Кирацовски да го направи. Меѓутоа тоа меѓу народот не поминува“, рече генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ.
Јанушев забележа дека станува збор за национално прашање, коешто е од исклучителен интерес за државата и за граѓаните на Македонија, а во прв ред на Македонците. „Овој договор ќе влијае на историјата, сегашноста како и иднината“, оцени.
„Станува збор за национално прашање коешто, ако кажам дека е од исклучителен интерес на државата и граѓаните на Македонците пред се, веројатно е премал збор. Бидејќи се ова што се случува влијае на се она што нашите предци го правеле низ историјата, низ стотици, стотици години наназад. Влијае на нас коишто ја живееме сегашност, но меѓутоа ќе влијае и на идните поколенија“, заклучи Јанушев.