„The Japan Times” со прилог по повод Денот на независност на Македонија

Во реномираниот јапонски весник „The Japan Times” денеска беше објавен прилог по повод Денот на независноста на Република Македонија, во кој пригодни ставови изнесуваат и амбасадорот Андријана Цветковиќ и почесниот конзул Масатаке Мацуда, соопшти македонската Амбасада во Јапонија.

– Амбасадорот Цветковиќ во обраќањето информира за позитивниот развоен тренд во билатералните односи меѓу Македонија и Јапонија, притоа истакнувајќи ги најзначајните средби и настани во 2015 година- посетата на МНР Попоски на Јапонија и свечената церемонија по повод официјалното отворање на македонската Амбасада во Токио. Дополнително Амбасадорот информира и за економските и бизнис поволности во Македонија, како и големиот број активности на Амбасадата за привлекување на јапонски инвеститори во земјата, се вели во соопштението од македонската Амбасада во Токио.

Таа го поздравила и развојот на соработката во областа на здравството и започнатите обуки на македонски доктори во јапонските болнци, а изразила и задоволство од соработката со JATA која го вклучила Охрид меѓу најубавите 30 туристички дестинации во Европа.

Во овогодинешното обраќање Цветковиќ информирала и за неодамнешната елементарна непогода во Македонија, упатувајќи повик за донации за настраданото население. Со цел донирање на средства за поплавите во Македонија, Амбасадата отворила одделна сметка за донации, која е објавена во денешниот прилог во The Japan Times.

– Почесниот конзул Масатаке Мацуда во своето обраќање информираше за неодманешната заедничка посета на Хокаидо, каде амбасадорот Цветковиќ оствари множество средби со високи претставници од политичката, економската и високо-образовната сфера, се посочува во соопштението од Амбасадата.

Изрази уверување дека таквите бројни посети и средби придонесоа за зајакнување на македонско-јапонските односи што се очекува и понатаму да се унапредат со отворањето на резидентна Амбасада на Јапонија во Скопје.