Јапонија ќе ја јакне одбраната со САД поради заканата од Северна Кореја

Минувачи ја следат веста на огромен екран на кој е прикажана мапата на Јапонија и Корејскиот полуостров, во Токио на 29 август 2017 година, по истрелувањето на севернокорејски балистички проектил кој ја прелета Јапонија/AFP

Јапонскиот премиер Шинзо Абе изјави во понеделникот дека Јапонија ќе стори се’ што е во нејзина моќ во соработка со САД, за да се одбрани од проектилите лансирани од Северна Кореја и да ги зголеми своите одбранбени капацитети, а Токио и Вашингон повикаа врз Пјонгјанг да се изврши „најголем притисок“.

Јапонскиот премиер Шинзо Абе ова го најави на почетокот на состанокот на пратениците на владејачката коалиција, ден откако Северна Кореја го изведе својот шести и досега најмоќен нуклеарен тест, пренесува Reuters.

Американскиот претседател Доналд Трамп и Абе уште еднаш ги осудија севернокорејското „континуирано дестабилизирање и провокативните акции“. Во телефонскиот разговор по евернокорејското нуклеарно тестирањер Трамп и Абе „ја потврдија меѓусебната одбранбена обврска и ветија блиска соработка“, соопшти Белата куќа.

Трамп ја повторил посветеноста на Вашингтон „да ги одбрани сопствената татковина, териториите и сојузниците со користење на целиот распон на дипломатски, конвенционални и нуклеарни потенијали коишто му стојат на располагање“, се додава во изјавата.

Јапонија и САД бараат да се спроведе „најголемиот притисок“ врз Северна Кореја по нејзината нуклеарна проба од неделата, се согласиле јапонскиот министер за надвоешни работи Таро Коно и американскиот државен секретар Рекс Тилерсон во телефонскиот разговор воден во понеделникот, пренесува агенцијата DPA.

По овој разговор Коно за новинарите изјавил дека САД и Јапонија сакаат итен состанок на Советот за безбедност при Обединетите нации, на кој ќе се разгледуваат нови мерки против Северна Кореја, се наведува во извештајот на јапонската службена агенција Kyodo. Коно притоа не прецизирал за какви нови санкции станува збор.

Во телефонскиот разговор меѓу јапонскиот премиер и јужнокорејскиот претседател Мун Јае-ри, двајцата соговорници изразиле поддршка за нова резолуција на Советот за безбедност, се наведува во медиумските извештаи.