Јапонија нема пораз од „црвените ѓаволи“ на мундијалите

Селекторот на репрезентацијата на Белгија, Роберто Мартинез не сака да го стави својот тим во прв план пред судирот од осминафиналето на Светското првенство против Јапонија, во кој „црвените ѓаволи“ влегуваат како големи фаворити.
Натпреварот Белгија- Јапонија почнува во 20 часот во Ростов, а европската селекција по три победи во групата и убедливата игра претставува тим кој би можел да стигне до самиот финиш на Мундијалот.

Од друга страна Јапонците во нокаут фазата дојдоа со победа, пораз и реми, но со помал број на жолти картони во однос на Сенегал, кој поради фер-плеј статистиката заврши како третопласиран.

Овој јапонскио тим покажува дека има доволно добри искуства, многу играчи кои долго време играа во големи европски лиги. Тие знаат што е потребно за да се добие натпревар од овој калибар. Ова е група на играчи кои знаат што прават. Очекувам многу тежок натпревар, рече белгискиот селектор Роберто Мартинез.

Белгија и Јапонија одиграа пет пати во историјата, „црвените ѓаволи„ победија само еднаш, двапати ремизираа, Азијците двапати победиле. Сепак, на Мундијалите се сретнале само еднаш, во 2002 година, кога во натпреварот по групи одиграа 2:2.

Сепак, Мартинез верува дека неговиот тим е во добра форма. Во екипата по помалата повреда на скочниот зглоб се враќа напаѓачот Ромелу Лукаку, додека во конкуренција за натпреварот ќе биде и ровитиот дефанзивец Винсент Компани.

Фудбалерот на Јапонија, Такаши Инуи е убеден дека неговиот тим може да ги искористи недостаоците во одбраната на Белгија и дека имаат шанса за победа.

Белгија има силен напад, но исто така има дупки во одбраната. Значи, целта е да ја добиеме топката, да преземеме иницијатива и да постигнеме напредок. Секој има главна цел да помине низ групната фаза, успеавме во тоа. Јапонија никогаш не беше меѓу првите осум, па тоа е она што го сакаме сега и се надеваме на добар натпревар во осминафиналето, вели Инуи.

Победникот од натпреварот Белгија- Јапонија ќе игра против подобриот од мечот Бразил- Мексико.