Компанијата на Илон Маск, „SpaceX“ објави името на првиот приватен патник на Месечината, јапонскиот милијардер Јусаку Маезава, пренесуваат во вторникот агенциите, а самиот сопственик не ја отфрли можноста Јапонецот да лета во Вселената.
„Што се однесува до тоа јас да летам, не сум сигурен, но можеби и јас ќе учествувам во ова патешествие, не знам“, изјави Маск на презентација во седиштето на компанијата во Калифорнија пренесувана директно на сајтот на „SpaceX“.
Компанијата, како и самиот прв вселенски турист, не ја откриваат цената на летот, но познато е дека 42-годишниот моден тајкун, музичар и колекционер на уметнички дела веќе извршил авансно плаќање за него. Милијардерот не купил „билет“ само за себе, туку за „шест до осум“ лица, Маезава изјави дека се надева оти во 2023 година на летот ќе понесе претставници на уметничкиот свет, чиешто патување на Месечината ќе ги инспирира за нови творештва, и за нив тоа ќе биде „бесплатно“.
Летот е планирано да биде изведен со најновиот и со најавениот како најмоќниот транспортен систем во светот BFR (Big Falcon Rocket), ракета којашто Маск ја претстави во 2016 година и чиешто градење е веќе започнато. Мисијата е планирана за 2023-та и ќе биде првата посета на Мсечината на некој човек по американската мисија „Apollо 17“ која на природниот сателит на Земјата слета во 1972 година.
Замислен како меѓупланетарен брод кој би служел за испраќање луѓе во Вселената, BFR е ракетен систем заснован на комбинацијата од ракета и вселенски брод BFS (Big Falcon Spaceship). Маск минатата година најави дека главната ракета ќе биде опремена со 31 главен мотор од типот „Raptor“, како и дека во првата фаза ќе може да пренесува до 150 тони товар во ниската орбита на Земјата, а во втората до 100 патници на Марс. Според пресметките на компанијата првиот туристички вселенски лет ќе трае четири до пет дена.
Според прелиминаната процена на сопственикот на „SpaceX“, создавањето на системот BFR ќе чини повеќе од 5 милијарди долари. Маск само рече дека парите што ги платил Маезава ќе помогнат да се развие транспортниот систем.
„Опасно е… мора да бидете многу храбри за да го постигнете ова“, рече Маск додавајќи дека сепак компанијата не е потполно убедена во успехот на проектот. Истакна, исто така, дека не е уверен ниту во исполнувањето на зададените рокови.
„Станува збор за невообичаено голема ракета, во неа има куп напредна технологија, и не можеме стопроцентно да бидеме сигурни дека можеме да успееме таа да полета, не постои стопроцентна сигурност… Ќе сториме сé за да можеме да полетаме што поскоро и колку што е можно побебедно“, рече Маск.