Jавна собраниска расправа за Предлог- закон за информативни и рекламни кампањи на јавните институции

Денеска на 68-та Седница на Комисијата за транспорт, врски и екологија се одржа јавна собраниска расправа на тема „Предлог – закон за информативни и рекламни кампањи на јавните институции“.

На јавната расправа во име на предлагачот, односно Владата на Република Македонија, свое излагање имаше министерот за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска, која ги образложи причините за предлагање на Законот за информативни и рекламни кампањи на јавните институции.

Притоа беше истакнато дека не постои држава во светот во која е забрането да се спроведуваат информативни и рекламни кампањи од јавните институции, затоа што јавниот интерес е тој кој што налага граѓаните да бидат информирани за важни општествени теми, кои се од пошироко значење.

Она што е особено важно е да постојат точно утврдени критериуми преку кои ќе се утврди постоењето на јавен интерес кој кампањите ги прави оправдани, од една страна, и од друга страна кога веќе е констатирано постоењето на јавен интерес и неопходност за спроведување на платени медиумски активности на јавните институции, да постојат законски утврдени критериуми преку кои ќе се прави алокација на средствата за кампањата по медиумите, со што ќе се оневозможи било каква можност за влијание врз нивната уредувачка политика, но и било каква можност од нарушување на пазарните позиции кои во моментот ги имаат медиумите, информираат од министерството.

Исто така беше истакнато дека со предложениот закон, транспарентноста во работата на јавните институции и обврската за бесплатно информирање е воспоставена како принцип, а само по исклучок, во случаи утврдени со законот може да се спроведуваат платени информативни и рекламни кампањи и тоа кога за да се приближи пораката до граѓаните мора да се илустрира со спот (видео, аудио, печатени или веб содржини), а истовремено пораката треба да има поголем досег, односно треба да стигне до сите граѓани без оглед дали тие гледаат само телевизија, слушаат само радио, читаат само весници или пак се информираат само од интернет, во тој случај, јавните институции имаат можност да искористат јавни средства со цел да спроведат информативна кампања, под услов кампањата да е оправдана и релевантна, соодветно презентирана и политички неутрална.

На крајот од јавната расправа министерот Арсовска Томовска изрази огромна благодарност до пратениците, до новинарите, нивните здруженија, до медиумските куќи и до другите учесници во консултативниот процес кој трае повеќе од три недели и во кој на 6 одвоени средби, покрај денешната јавна расправа беа вклучени Здружението на новинари на Македонија, Македонската асоцијација на новинари, Македонската медиумска асоцијација, претставниците од националните и регионалните и локалните радија и телевизии, како и претставниците од печатените медиуми и интернет порталите кои дадоа свои сугестии и укажувања кои треба да овозможат подобрување на предложеното законско решение, а кои сериозно се разгледуваат во рамките на Министерството за информатичко општество и администрација. Но исто така министерот Арсовска Томовска изрази разочараност од дел од новинарските здруженија, кои повторно демонстрираа дека не се заинтересирани, преку јавна дебата, со вкрстување на мислења и аргументи да се дојде до најдобро законско решение кое ќе овозможи системско решавање на овој проблем, туку напротив, само еднострано ги изнесуваат своите ставови без било каква аргументација, со изнесување на неточни податоци кои што се јавни и се лесно достапни за проверка, и во првите неколку минути го напуштаат консултативниот процес.

Сепак, министерството останува посветено на адресирање на итните реформски приоритети и ќе продолжи процесот на медиумските реформи да го држи отворен и инклузивен.