Јавниот долг ќе порасне за 33,9 милиони евра, односно за 0,3 отсто од бруто домашниот производ (БДП), а министерството за финансии го правда најавениот раст со тоа што во пресметката ќе влезе и задолжувањето на јавните претпријатија, за што државата не дала гаранции.
„Се работи за вметнување на негарантираниот долг во пресметката на јавниот долг според препораките на ЕУ и ММФ, бидејќи претходно во 2014 година негарантираниот долг беше изземен од методологијата за пресметка на долгот. Се работи за долговите на јавните претпријатија од типот на МЕПСО, за чии долгови државата, односно Министерството за финансии не дале гаранции. Се работи за мало, незначително зголемување на долгот, бидејќи ако зборувам за раст од 0,3 отсто, тоа е околу 30 милиони евра”, рече Драган Тевдовски, министер за финансии.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвини дека власта расипнички се задолжува, а ништо од тоа не оди кај граѓаните. Од опозицијата велат дека СДСМ го зголеми јавниот долг над пет милијарди евра, што сериозно ја загрозува солвентноста на државата на среден рок бидејќи има многу задолжување, а ниту еден проект.