Јавниот долг на Франција, како што соопшти ИНСЕЕ – (францускиот институт за статистички и економски студии) надмина 2.000 милијарди евра, јавува дописникот на МИА од Париз.
Јавниот долг на Франција изнесува 2023,7 милијарди евра, а според предвидувањата на владата јавниот долг би требало на крајот од годинава да изнесува 95,1 отсто од ВБП.
По оваа вест од ИНСЕЕ, владата потсети дека наследила ситуација на големо задолжување.
Министерството за финансии потсети дека долгот се зголемил за двапати од 2002 до 2012 година (кога на власт беше десницата) – од 930 на 1860 милијарди евра, од кои дури 600 милијарди евра се задолжувања направени во периодот од 2007 до 2012 кога на власт беше Никола Саркози.
„Политиката која ја води актуелната влада се темели врз заздравување на јавните финансии со програма на штедење и врз стратегија на развој, која треба да дозволи запирање на растот на долгот“ – се вели во соопштението од Министерството за финансии. Притоа се нагласува дека Франија ја има довербата на инвеститорите, што и дозволува на државата, но исто така и на претпријатијата и поединците да земаат кредити со ниски камати.