Министерот без ресор Роберт Поповски, на прес-конференцијата во средата ја презентираше најновата алатка за отчетност за трошоците на министрите, замениците министри, државните секретари, како и на генералниот секретар и премиерот.
„Како дел од заложбите на Владата на Република Македонија за поголема дигитална транспарентност, на Алаткатата за отчетност за трошоците на носителите на јавни функции можете да ги разгледате и споредувате службените трошоците на претседателот на Владата, Замениците на претседателот, министрите, министрите без ресор, замениците министри, генералниот секретар на Владата и државните секретари на министерствата“, рече Поповски.
Како што појасни министерот без ресор, ќе бидат објавени податоци коишто ги поседуваат во Владата почнувајќи од периодот за 2014 година до сега, и коишто натаму ќе се ажурираат.
„Ние стартувавме свесно со функционерите на Владата, бидејќи ако не стартуваме од нас, немаме право да бараме и да очекуваме од фукционерите што ги именувала Владата први да почнат да даваат информации како ги трошат парите“, рече Поповски.
Најави дека со оглед на тоа што алатката веќе е креирана ќе се направат напори сите други именувани и избрани функционери да ги доставуваат информациите за потрошените пари и причините за трошењето. Целта, е рече, овој пристап на транспарентност и отчетност да стане практика на сите кои имаат допир со државни пари.
„Во Македонија никогаш повеќе не смее да се случи период во кој граѓаните нема да знаат што работат функционерите што се избрани и како ги трошат нивните пари. Тоа е нивно основно граѓанско право, а ние постоиме во нивна служба“, рече министерот Поповски.
Преку алатката може да се види детално трошењето на двете влади споредбено и поединечно за секој функционер од актуелната и од претходната од 2014 година, како и наративен извештај за што се потрошени.
Владата на Република Македонија на вчера на седница ја усвои информација за реализацијата на нејзината одлука со која на поранешна седница ги задолжи министрите, замениците министри, државните секретари, генералниот секретар и претседателот на Владата на Република Македонија, да достават информации за службените трошоци направени во рамките во првите шест месеци од преземањето на функциите, поточно од јуни до ноември.
Ова е првпат во историјата на независна Македонија владините функционери да дадат самоиницијативно, додаде Поповски, да ги дадат податоците за трошењето на буџетските средства собирани од граѓаните.
„Оваа практика мора да стане задолжителна како за оваа, така и за секоја идна влада“, посочи Поповски.
Рече дека софтверот за споменатата алатка овозможува и следење на ткн „наративен“ опис, односно не само суво презентирање на сумите, туку и за тоа за што биле трошени, како што се службени патувања, организирање состаноци итн.
Двојно помалку државни пари во првите шест месеци од работењето потрошиле премиерот, министрите, замениците министри, државните секретари и генералниот секретар на сегашната Влада во споредба со владата на Никола Груевски во првите шест месеци по изборите во 2014 година. Владата на Зоран Заев за шест месеци потрошила 21.890.462 денари, а владата на Груевски 44.909.835. Разликата во трошењето е 23.019.373 денари.
„Толкава е заштедата на парите на граѓаните за само шест месеци и само за работењето на овие шеесетина функционери“, рече Поповски.
Пезентирајќи ја Алатката за отчетност за трошоците на носителите на јавни функции преку која е дојдено до ваквите податоци рече дека доколку ваква би била разликата на секои шест месеци, за 11 години колку што на власт беше Никола Груевски, и ако ова би бил некаков просек заштедата на пари на граѓаните би била 8.207.000 евра.
„Никола Груевски во период кога јас барем не се сеќавам на некоја негова поимпозантана агенда надвор од земјата потрошил 5.188.102 денари, а премиерот Зоран Заев во првите шест месеци со неверојатно динамична, особено надворешна но и домашна агенда потрошил 2.918.532 денари“, рече Поповски.
Изборот за трошење на државни пари на една од владите на Груевски е направен за споменатиот период, затоа што, според Поповски, тоа било влада која исто како сегашнава функционирала по избори. Од алатката, која е поставена на веб страницата на македонската Влада, сите заинтересирани, граѓаните, медиумите… можат да ги следат висината на трошењето на државните пари, но и причините поради кои тие биле потрошени.
Линк до алатката: http://vlada.mk/otchetnost-troshoci