Специјалниот пратеник на Германија за Македонија и амбасадор во Виена Јоханес Хајндл денеска и утре ќе престојува во Скопје.
Според најавите, Хајндл ќе разговара со претставници на четирите партии, потписнички на Пржинскиот договор.
Како што соопшти Германската амбасада во земјава, специјалниот пратеник ќе има средби и со амбасадорот на САД Џес Бејли и со другите амбасадори од земјите на ЕУ.
Хајндл е именуван од страна на германскиот министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнмаер за нов пратеник којшто ќе работи заедно со Европската Унија и САД и ќе помага при решавање на кризата во Македонија.
Попоски: Доаѓањето на Хајндл е позитивен сигнал од Берлин
Доаѓањето на Хајндл во Македонија вчера македонскиот министер за надворешни работи го оцени како позитивен сигнал од Берлин.
Се работи за позитивен сигнал со самиот факт што Германија покажува интерес дека сака да биде подиректно вклучена во процесите кои се случуваат во нашиот поширок регион и конкретно во РМ. Има најмалку две работи за кои Германија може да ни помогне. Првата се однесува на зацврстување на кредибилитетот на повеќе повторени ветувања за тоа дека Македонија има иднина во рамки на ЕУ. И мислам дека тоа е сигнал кој треба да го очекуваме од Берлин. И втората работа е сигналот дека постои интерес кај Германија да биде вклучена со што де факто се испраќа и сигнал дека не сме оставени сами на себе во еден долг временски период да имаме неизвесност околу можностите воопшто да се приближуваме кон ЕУ во услови во кои самата ЕУ е соочена со сопствени предизвици, истакна вчера Попоски.
Хајндл е актуелен германски амбасадор во Австрија. Тој пред 14 години работел како шеф на одделот за Југоисточна Европа и Турција во германското МНР.