Одбранбената соработка меѓу Република Македонија и Чешката Република е развиена и во континуитет се движи во нагорна линија, заклучија министрите за одбрана на двете земји, Зоран Јолевски и неговиот домаќин, Мартин Стропницки, на денешната средба во чешкото Министерство за одбрана.
Како што истакна министерот Јолевски по средбата, соработката се темели на спогодбата од 2000 година, која претставува темел на годишните планови за соработка, кои вклучуваат неколку подобласти како финансиите, логистиката, човечките ресурси, одбранбената стандардизација, заедничките обуки, како и пренесувањето на искуствата од процесот на евроатлантската интеграција. Воедно министерот Јолевски се заблагодари за поддршката која Чешка и ја дава на Република Македонија во исполнувањето на стратешките цели, членството во НАТО и ЕУ.
Министрите за одбрана на двете земји разговараа и за елементите кои произлегуваат од заедничката безбедносна и одбранбена политика на Унијата, со акцент на борбените групи чиј дел во втората половина од 2012 година беа и Чешка и Македонија. Во тој контекст министрите разговараа за можното вклучување на Република Македонија како дел од борбената група на ЕУ во 2016 година.
„Нашиот придонес кон безбедноста на Европа продолжува и во иднина“, потенцираше министерот Јолевски во однос на борбените групи на унијата.
Чешкиот министер за одбрана на средбата посочи дека двете партнерски земји имаат одлични односи и дека треба напорно да се работи тие односи да се продлабочуваат и во иднина. Истовремено, министерот Стропницки истакна дека неговата земја ја поддржува Република Македонија во нејзините напори за станување полноправен член на НАТО и на Европската унија.