Јолевски на Самитот на НАТО во Варшава

Министерот за одбрана Зоран Јолевски ќе присуствува на Самитот на Северно – атлантската Алијанса – НАТО што ќе се оддржи во полскиот главен град Варшава денеска и утре.

Јолевски ќе има обраќање на Состанокот на министри за одбрана за платформата за интероперабилност, а се очекува да оствари и повеќе билатерални средби со своите колеги, министрите за одбрана на земјите-членки на Алијансата.

На 1 јули Кабинетот на Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов информираше дека тој нема да учествува на Самитот на НАТО во Варшава, поради игнорирање на меѓународното право, пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг, геополитичките аспекти и безбедносните предизвици во регионот.

Се додека не се земат предвид овие факти, посочија од Кабинетот, претседателот Иванов нема да учествува на самити на НАТО, а Република Македонија ќе биде претставувана на ниво на министри за одбрана и за надворешни работи, пракса воспоставена од самитот во Кардиф во 2014 година.