
Министерот за одбрана Зоран Јолевски од денеска престојува во посета на Соединетите Американски Држави.
За време на посетата, соопшти денеска МО, министерот Јолевски ќе има средби со сегашни и поранешни претставници на американската администрација, сенатори и конгресмени во Конгресот на САД, како и претставници на тинк-тенк заедницата.
Како што стои во соопштението, министерот Јолевски во Пентагон ќе се сретне со заменик-помошникот на секретарот за одбрана за Украина, Русија и Евроазија, Мајкл Карпентер, додека во Стејт Департментот ќе има средба со Хојт Ји, заменик помошник секретар за Европа и Евроазија. Во Конгресот на САД, министерот ќе се сретне и со сенаторите Џон МекКејн и Џејмс Инхоф.
Министерот Јолевски за време на посетата во Вашингтон ќе се сретне и со поранешниот секретар за одбрана Доналд Рамсфелд, додека во седиштето на Обединетите Нации во Њујорк, ќе оствари средба со заменик-шефот на Департманот за мировни операции на ООН, Ел Гасим Вејн.
Во рамки на посетата, министерот Јолевски ќе биде дел и од традиционалниот Молитвен појадок, организиран во Вашингтон.