За време на вчерашната Свечена академија „20 години Воена академија“ претседателот на Република Македонија пред присутните рече „Во ова големо училиште на нашата армија, на нашите безбедносни сили, се калат и се прекалуваат сегашните и идните воени лидери на Македонија“.
Претседателот Иванов истакна дека со посветеност и трудољубивост, учејќи од сегашната генерација, кадетите го стекнуваат правото да бидат офицери и да бидат учители и предводници на наредната генерација, не само во Македонија туку и надвор од неа.
Министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски, преку телеграма упатена до Воената академија истакна дека академијата ја ужива неговата неизмерна поддршка. Во истата Министерот Јолевски рече:
„Да се произведуваат идните лидери кои ќе ја имаат обврската да продолжат да ја заштитуваат слободата, независноста и сувереноста на татковината е голема обврска. Јас знам дека во изминатите две декади сите вие поминавте низ многу промени и пресвртници. Но, останавте верни на себе и на својата заклетва во една од најреспектабилните институции во Македонија, Воената академија, каде се произведуваат врвни кадри, професионални и мотивирани да ја носат униформата како офицери на Армијата на Република Македонија“.
За време на свеченоста се обратија и деканот на Воената академија, Орце Поповски, и генерал-полковник Бен Фрикли. Деканот Поповски истакна дека низ научно-истражувачка, апликативна, советодавна и творечката дејност Воената академија е на пат да биде водечка институција во државата од областа на оперативните вештини во доменот на одбраната, кризниот менаџмент и напорите за воспоставување и одржување на светскиот мир и безбедност.
Во своето обраќање генерал-полковник Бен Фрикли рече „Академијата развива лидери со визијата преку воспоставување на знаење и вредности во секој кадет“.
За време на Свечената академија се доделија јубилејни плакети на поединци и институции за континуирана плодна соработка со Воената академија. Се доделија признаници на претставникот на Министерството за одбрана, Шефот на кабинетот на министерот, полковник Петре Велковски, на заменик началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-потполковник Насер Сејдини, на Универзитетот „Гоце Делчев“, на генерал-мајор во пензија, Ристо Дамјановски, на претседателот на комисијата за одбрана и безбедност, на поранешниот декан на Воената академија, на поранешниот министер за одбрана Владо Поповски и на началникот на воениот оркестар.