Јордан Плевнеш, македонскиот писател со интернационално реноме, Ректор на Универзитетот за аудиовизуекни уметности, ЕСРА Париз-Скопје-Њујорк, денеска ја прими наградата – “Златен век, Св. Кирил и Методи”, кое ја доделува Министерството за култура на Бугарија. Наградата ја додели Министерот за култура на Р. Бугарија, Г-динот Петар Стојанович, на денешната свеченост приредена по овој повод, на која присуствувааврвни имиња од бугарскиот јавен живот и култура, помеѓу кои актерите Рени Врангова и Стојан Алексиев, режисерот Александар Морфов и академскиот сликар Светлин Русев.
Ова високо признание до сега го добиле само пет добитници од Европа. Наградата му е доделана за неговото уметничко творештво, за неговата мисија во доближувањето на балканските култури и за градењето на духовните мостови помеѓу Бугарија и Македонија.
Наградата се доделува на денот на св. Кирил и Методиј, Апостолите на словенската писменост.
Вчера, г-динот Плевнеш гостуваше на Интернационалниот театарски фестивал во Враца, каде што Претседателот на Фондацијата Балканика, Г-динот Николај Стојанов, го промовираше второто издание на драмата “Р” од Плевнеш, која е играна во 30-тина земји во светот. Во рамките на фестивалот на интернационалната работилница на агенцијата Нета беше промовирано и неговото ново драмско дело “Св. Кирил и Методи 11-века подоцна”, кое со актери од 10-тина словенски земји ќе биде изведено 2015 година на интернационалниот театарски фестивал во Букурешт.