Во Вишото јавно обвинителство Скопје, односно во ОЈО Скопје регистрирани се две кривични дела поврзани со изборниот процес за текот на вчерашниот ден, информира на денешната прес-конференција претседателот на Комисијата за следење на евентуални изборни нерегуларности при Јавното обвинителство на Република Македонија Џелал Бајрами.
Една кривична пријава, како што појасни е поднесена против лице поради сомнение дека сторил кривично дело „повреда на слободата на определување на избирачите“ казниво согласно Кривичниот законик на РМ. Осомничениот со употреба на сила најнапред сакал да ги принуди оштетниот да не гласа за еден од кандидатите за градоначалник. Се преземаат дејствија за целосно расветлување на случајот.
Другото известување, како што рече Бајрами, е доставено од МВР а се однесува против две лица за сторено кривично дело „поткуп при избори и гласање“ казниво по КЗ. Од лицата, како што појасни, се одземени рачно напишани списоци на членови на политичка партија, кои извршуваат активности во рамки на избирачкиот процес. По насока на јавен обвинител се преземаат дејствија за расветлување на настанот.
На територија на ОЈО Велес приемна е кривична пријава за едно лице за сторено кривично дело „злоупотреба на избиртачкото право“. Станува збор за лице кое во избирачкото место во Кавадарци гласало наместо неговата сопруга. Надлежен јавен обвинител упатил покани за испитување повеќе лица-сведоци на настанот за целосно расветлување.
Бајрами истакна дека до Обвинителството примена е кривична пријава за едно лице за сторено кривично дело „повреда на слободата на определување на избирачите“ казниво согласно КЗ. Станува збор за обид на осомничениот да гласа за друго лице. Донесена е наредба за спроведување истражна постапка и се преземаат мерки за расветлување на случајот.
Бајрами рече дека ОЈО Велес постапува во предистражна постапка и против едно лице кое вршело притисок врз негови вработени да гласаат за определен кандидат. Сослушани се две лица и се преземаат дејствија за расветлување на случајот.
На ден пред одржување на вториот круг од локалните избори до Вишото јавно обвинителство Штип поднесена е кривична пријва против едно лице за „поткуп при избори и гласање“ казниво согласно КЗ. Обвинителството презема дејствија за расчистување на случајот.
Бајрами посочи дека се примени и три усни известувања во ОЈО Делчево и по едно известување во обвинителствата во Кочани и Штип. Известувањата, како што додаде, се однесуваат на наводно организиран превоз до гласачко место во опшштините Чешиново Облешево и за помагање на други лица при гласање во Македонска Каменица, за сликање на гласачкото ливце со телефон…
– За сите се дадени насоки за утврдување на сомнение за сторени кривични дела против изборите и гласањето и се преземаат мерки за расчистување на настаните, додаде тој.
Според Бајрами, во обвинителствата кои ги покрива Вишото јавно обвинителство Битола нема поднесени кривични пријави, ниту има оформен предмет во врска со кривичните дела против изборите и гласањето.
Појасни дека тука помеѓу првиот и вториот изборен круг пристигнати се три кривични пријави и тоа до ОЈО Струга поднесени од страна на политички партии. Првата, како што рече, е против едно лице за сторено кривично дело „поткуп при избори и гласање“. Втората е поднесена исто така од истата политичка партија, а се однесува за сторено кривично дело „повреда на слобода на определување на избирачите“, а третата е од друга политичка партија и се однесува за лице кое се претпоставува дека има сторено кривично дело „повреда на слобода на определување на избирачите“, казниво според КЗ.
Во Вишото јавно обвинителство Гостивар примено едно известување за поднесена пријава од едно лице до МВР за повреда на избирачкото право на немоќно лице. – Имено при вршење на гласање два члена на избирачкиот одбор заокружиле бројка на гласачкото ливче, наместо немоќното лице гласач. Настанот бил пријавен и по насоки на јавен обвинител се преземаат дејствија за утврдување на фактичката состојба, рече Бајрами.
Посочи дека во текот на двете недели меѓу првиоти вториот изборен круг до ОЈО Гостивар пристигнато е едно известување за фотографирање на избирачкото место во Центар Жупа. И во овој случај, како што додаде Бајрами, се преземаат дејствија во предистражна постака за утврдување на фактичката состојба.
На прес-конференцијата потсети дека во Обвинителството има отворени истражни и предистражни постапки за седум предмети и тоа за Битола, Скопје и Кочани.
На новинарско прашање дали имаат во Обвинителството примено пријава за таканаречен „бугарски воз“, Бајрами одговори дека досега до Комисијата нема таква пријава.
На прашање дали во пријавите кои досега се проследени во Обвинителството има инволвирани лица вработени во МВР, Бајарми одговори дека досега такви пријави немаат примено.
На прашање дали имаат преземено нешто во врска со користењето оружје вчера при прослава на политичка партија, Бајрами рече дека Комисијата е за следење на изборни нерегуларности и постапува по пријавите кои се поврзани со такви нерегуларности и дека тоа спаѓа во доменот на редовното работење на обвинителството и дека сигурно ќе се преземат мерки за расветлување на случајот.