Јовановски: Алаѓозовски покажа елементарно незнаење на законите од областа на културата

Неодамнешните официјални најави на новиот министер за култура господинот Роберт Алаѓозовски дека фасадата на зградата на министерството за култура нема да биде санирана и ќе остане руинирана во периодот на неговиот мандат, покажуваат елементарно незнаење на законите од областа на културата, вели на Крсто Јовановски од ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција која интегрално ви ја пренесуваме во продолжение.

Министерот Алаѓозовски треба да знае дека зградата во која е сместено министерството за култура е објект кој датира од 30-тите години на минатиот век, со третман на заштитено значајно културно наследство, кое како такво државата има обврска да го одржува во форма каква што била во моментот на прогласување за објект кој е значајно културно наследство.

Министерот Алаѓозовски треба да е свесен дека непостапувањето и негрижата за културно наследство, а особено на објект во кој тој министерува, самото по себе претставува кривично дело. Доколку не е свесен, во тој случај треба да е подготвен да се соочи со истото ако не ја смени својата првична одлука.

Всушност, државата води кривично судски процес против сторителите на ова дело, а министерството за култура во постапка побарува штета за санирање на објектот во износ од околу 500.000 денари, сума која врз основа на официјална проценка на бирото за судски вештачења е потребна за санирање на објектот.

Само по себе ова значи дека министерот Алаѓозовски свесно со оваа негова изјава сака да најави и повлекување на побарувањето за штета кое го има министерството за култура за санација на објектот. Тоа само по себе е кривично дело согласно член 353 од кривичниот законик на Република Македонија за злоупотреба на службена положба и овластувања со што се нанесува штета на буџетот за сумата која се побарува.

Најголемиот скандал е дека Алаѓозовски најави една нова државна политика во културата, каде негрижата за културното наследство ќе биде официјална политика на новиот министер за култура.

Почитувани граѓани, грижата за културното наледство, мора да е еден од приоритетите во културата на било која влада, мината, сегашна и идна. Не смее да се дозволи негрижа за културното наследство да стане систем и вообичаен пристап, особено не на тие кои се најодговорни и најповикани во моментов да се грижат за тоа.

ВМРО-ДПМНЕ бара од министерот господин Алаѓозовски најитно да ја преиспита својата одлука и да соопшти дали и кога ќе преземе мерки за санација на објектот каде е сместено министерството за култура.