Јовановски: Богдановиќ со пари од центарци набавил зелен картон за возило на неговото семејство

Уште еден скандал и злоупотреба на парите на центарци од страна на Саша Богдановиќ, откриваат од ВМРО-ДПМНЕ откако во петокот Коста Јовановски покажа фактура со која како што рече кандидадот на СДСМ приватните задоволства ги плаќал од парите на ПОЦ, односно од џебот на граѓаните.

„Оваа фактура е доставена до ЈП ‘Паркинзи на општина Центар’ за извршена услуга, односно набавка на зелен картон во вредност од 5536 денари. Немаше да биде ништо чудно ако оваа фактура е за потребите на ПОЦ, но сепак не е така. Сакаме да прашаме на кого припаѓа регистрацијата со број SK 387 TB. Дали возилото со оваа регистарска табличка припаѓа на член на неговото потесно семејство? Ако е ова вистината, по кој основ, членови на неговото семејство користат привилегии на сметка на ПОЦ’, праша Јовановски.

Истакна дека веќе трет ден по ред го прозива Богдановиќ, но овој молчи, како што рече Јовановнски, за скандалите.

„Време е Српче да понесе одговорност за неговите постапки. Недозволиво и е срамно директор на јавно претпријатие со директорска плата така ниско да падне и на сметка на граѓаните на Центар да овозможи на членови на неговото потесно семејство да патуваат во странство за лични потреби“, рече претставникот на ВМРО-ДПМНЕ.

Додаде дека доколку Богдановиќ вака расипнички троши и ги злоупотребува народните пари во функција на директор на ПОЦ, граѓаните треба да замислат каков би бил тој како градоначалник на Центар.