Јавноста е загрижена каква гаранција потпишал Зоран Заев кога неговите коалициски партнери остануваат зад тиранската платформа и планираат да ги реализираат одредбите во неа, рече во неделата на прес-конференцијата, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Крсто Јовановски.
Јовановски истана дека неговата партија нема да дозволи СДСМ преку релативизирања и заобиколувања на Уставот и законите, да реализира планови на штета на државните и национални интереси.
„Народот е загрижен дали гаранцијата која Зоран Заев ја потпиша е со цел да се замајуваат граѓаните, а на мала врата да се договара реализација на платформата со сите нејзини елементи, како целосна двојазичност на територијата на државата, претворање на Македонија во бинационално наместо мултикултурно општество, менување на симболите на државата и прогласување на темелите на државата за геноцидни“, рече Јовановски.
Додаде дека ова го потврдил и Оливер Спасовски, кој рекол дека тиранската платформа сеуште постои и дека „секој има свои ставови, но сите заеднички мора да се договориме за Република Македонија“.
„Тоа е само потврда дека СДС сеуште разговара на оваа тема која директно задира врз унитарноста и карактерот на државата. Ова е премногу сериозно да се релативизира“, истакна Јовановски додавајќи дека доколку СДСМ се обиде по втор пат да го измами народот со непочитување на потпишаните гаранции, последиците може да бидат неповратни.