![krsto-jovanovski-](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2017/11/krsto-jovanovski-.jpg?resize=640%2C352&ssl=1)
Владејачката СДСМ во новиот Буџет за 2018 не предвиде уште еден проект кој секојдневно го ветуваа во предизборието, посочи Крсте Јовановски од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција.
Истакна дека СДСМ на сите граѓани над 65-годишна возраст кои немаат остварено услови за пензија, а живеат над 20 години во Македонија им ветуваа дека ќе им дадат државна социјална пензија, а сега со новиот Буџет не предвидуваат пари за тој проект.
„Со ова Заев ги излажа граѓаните кои се надеваа дека ќе добијат државна пензија, а не го оствариле правото на пензија преку стаж. Десетици илјади граѓани се измамени од Зоран Заев и СДС преку проектот Државна пензија. Ветуваа живот за сите, ветуваа живот за сите граѓани, а животот дојде само за најблиските околу Заев. Наместо државна пензија, граѓаните кои се надеваа на овој проект, добија само една огромна лага“, додаде Јовановски.
Рече и дека ова е само едно од многуте ветувања кое беше дадено уште пред парламентарните избори во 2016 година, а ниту едно ветување или проект не се предвидени во новиот Буџет за 2018.
„На СДС поважни им се милионските задолжувања, личните богатења на своите партиски функционери, тендерите и раскрчмувањето на државните интереси. СДС немаат ниту срам ниту перде, ги лажат граѓаните, ги манипулираат и ги маргинализираат од реалните суштински проблеми кои ги засегаат сите“, посочи Јованосвски.