Самиот факт што Договорот за добрососедство со Бугарија беше брзоплето потпишан, без никаква консултација на стручната јавност, а уште помалку со широк национален консензус, говори дека овој договор мора да го мине тестот на народната волја, односно да биде поставен на референдум, истакна во неделата Крсте Јовановски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Се работи за премногу сериозен документ кој за век и веков ќе влијае врз нашата позиција во однос на Бугарија, и ќе ги преуредува елементите на македонската државност, историја и идентитет. Граѓаните, бидејќи мора јасно и недвосмислено да го кажат својот став за елементите на овој договор, односно да кажат што мислат за фактот дека македонскиот јазик се сведува само на уставна категорија, а не како реалност која Бугарија ја признава, како што впрочем го прави во секој билатерален договор. Да кажат, исто така, што мислат за фактот дека никаде во договорот не се споменува македонски народ, а истовремено се прави откажување од секаква грижа за македонското национално малцинство. Да кажат што мислат за фактот дека Македонија се обврзува за прифаќање на заедничка историја која може да датира до 1944 година и притоа прифаќа комисиско преиспитување и промени на учебниците во Македонија“, потенцираше Јовановски.
Додаде дека граѓаните имаат право и мораат да се произнесат за ваквиот, како што оцени, асиметричен договор кој Mакедонија ја става во нерамноправна положба и предизвикува чувство на штета и трајни последици по македонскиот идентитет.
„Затоа ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе иницијатива до парламентот на Република Македонија за распишување на референдум по ова прашање. Знаеме дека СДС упорно бега од референдумското соочување со граѓаните и затоа ги квалификува како прашања кои не заслужуваат, одговор, но ова е прашање за кое граѓаните сакаат да одлучуваат. Ние како ВМРО-ДПМНЕ целосно сме посветени на евроинтегративните процеси на нашата земја и сметаме дека асиметрични, изнудени и брзоплети договори на штета на едната страна не се воопшто во духот на европските и демократски вредности. Впрочем добрососедство се гради со дела и со доверба, а не со негирања, заглавување во минатото и рушење на достоинството на другата земја. Ова не носи ниту иднина, ниту европски придобивки, ниту пријателство, туку само огорченост и виткање на кичмата на македонскиот народ, на македонската држава и на македонската историја и историографска наука. СДС не смее да им го ускрати правото на граѓаните одлучуваат за својата иднина и иднината на својата држава. Граѓаните мора да добијат шанса да кажат што мислат за овој договор кој ги тангира нив и иднината на нивните деца“, заклучи Јовановски.