![11-1067-](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2018/03/11-1067-1-1.jpg?resize=640%2C375&ssl=1)
Јавниот обвинител на Република Македонија, Љубомир Јовески ја осуди постапката на јавните обвинители во Јавното обвинителство на РМ, Ферат Елези, Башким Бесими, Џелал Бајрами и Исмаил Дардишта кои изразија јавно несогласување со одлуката на ОЈО Куманово да се прекфалификува обвинението за убиство против Бобан Илиќ во течки дела против безбедноста во сообраќајот, а во врска со смртта на малиот Алмир Алиу.
-Нивната постапка ја доведува под сериозно сомневање независноста, непристрасноста, лојалноста и достоинството на јавниот обвинител, бидејќи нивниот настап е предизвикан од други цели кои не се поврзани со извршување на јавнообвинителската функција. Нема да допуштам влијание од кого и да доаѓа, а кое ги попречува напорите за средување на состојбите во јавното обвинителство во насока на професионално, стручно, непристрасно, совесно и законито извршување на јавно обвинителската функција- вели Јовески.
Според него, јавните обвинители во вршењето на функцијата не смеат да дозволат да бидат надвладеани од субјективни мислења и проценки, од притисокот на јавноста или политиката. Законот за секого и во секој предмет е еднаков за сите, без оглед на национална, верска или политичка припадност и така треба да се применува.
– Предметот во детали е рефериран и разгледуван на колегиум на Вишото јавно обвинителство Скопје и на Проширен колегиум на Јавното обвинителство на РМ, при што се оцени дека во кривичниот предмет е постапено во согласност со Законот за кривична постапка, Законот за јавно обвинителство и начелата во работењето на јавното обвинителство. Со соопштението од јавните обвинители директно е нарушена функцијата јавен обвинител и се настојува да се влијае во одлуките по предметот, бидејќи тие конкретно не постапуваат по тој предмет и не можат во јавност да изнесуваат ставови што не добиле верификација на Колегиум. Затоа за нивната постапка ќе се расправа Колегиум на Јавното обвинителство на Република Македонија, а ќе побарам нивното однесување да го преиспита Етичкиот Совет на јавните обвинители- рече обвинителот.