Граѓаните да не фрлаат вжарени и недоизгаснати предмети и материи во пластичните контејнери и во никој случај намерно да не се опожаруваат истите, апелираат од ЈП „Комунална хигиена“-Скопје. Од претпријатието наведуваат дека во спротивно ќе се поднесуваат пријави во полиција и и соодветните инспекциски служби и ќе бидат преземени строги санкции за сторителите.
Инаку, претпријатието со намера да ја подобри хигиената во градот Скопје во текот на изминатата година започна етапно да ги менува старите дотраени метални контејнери со нови пластични контејнери со зафатнина од 1,1 кубни метри.
Оттаму, велат дека новите пластични контејнери често се опожаруваат од страна на граѓаните, коишто во нив исфрлаат запалени предмети и материи, како што е недоизгасната жар од скара, отпушоци од цигари и сл.
На овој начин се прави огромна штета за Претпријатието, но пред сѐ за граѓаните, од чиишто средства се набавуваат садовите за отпад и за коишто се наменети истите.
Истовремено, ЈП „Комунална хигиена“ ги охрабрува граѓаните коишто ќе забележат ваква појава, истото да го пријават на дежурниот телефон: 3 216 644.