Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и директорот на ЈП „Паркови и зеленило“, Душан Авировиќ денеска присуствуваа на промоцијата на новата машина со кранска рака.
– Градот Скопје ја набави новата машина со кранска рака за потребите на јавното претпријатие „Паркови и зеленило“. Возилото-трактор е машина со кранска рака на која ќе може да се монтираат додатни елемети и ќе се користи за реализирање на работните активности на ова јавно претпријатие. На кранската рака може да се монтираат повеќе додатоци, еден од нив е елемент за кроење и кастрење грмушки и дрвја, кој денеска имавте можност да видите како ефикасно и брзо ги крои надвиснатите гранки од дрвјата над патот, а ќе користи и за уредување на дрворедите на булеварите, во парковите и на други јавни површини. Исто така, на оваа кранска рака ќе може да се монтираат и косилка за косење нерамни зелени површини (кејови обраснати со трева, косини и тешкопристапни делови од зелените површини); странична четка (за чистење израстоци на трева од надворешната страна на жардиниерите на булеварите, рабниците, патеките во парковите и сл.); елемент за чистење канали од наноси од земја, мил, камења и трва. Всушност, ние со набавката на вакви машини го осовременуваме ова јавно претпријатие, а тоа ќе им овозможи на вработените адекватно, стручно и професионално да ги извршуваат работните активности – истакна градоначалникот Трајановски.
За набавката на оваа машина Градот Скопје потроши околу 6,7 милиони денари, средства обезбедени со Проектот за подобрување на општинските услуги финансиран со заем од Меѓународната банка за обнова и развој-Светска банка.