
Владата, раководството и синдикатот на „Југохром“ потпишаа меморандум за разбирање кој предвидува рестартирање на капацитетот и враќање на работниците откако ќе бидат поставени филтрите. Директорот на комбинатот, Васко Скендеровски најави дека работите ќе се одвиваат етапно, а првите две печки ќе бидат подготвени за пуштање во погон во мај или во јуни.
„Некои еколошки друштва се загрижени дека Југохром ќе работи без филтри и ја нападнаа при тоа и Владата. Јас јавно ви ветувам дека Југохром нема ниту еден работен ден да има без поставување на филтрите. Се надевам дека тоа ќе биде во многу скоро време.“ – изјави Васко Скендеровски, директор на „Југохром“
„Југохром“ беше затворен во ноември минатата година, откако не го испочитува двегодишниот рок за исполнување на еколошките стандарди.