Јункер предупредува на ризик од војна на Балканот ако му се скуси перспективата за членство во ЕУ

Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, предупреди во петокот на опасноста од избувнување војна на Балканот, доколку Европската унија дозволи да згаснат надежите за пристапувањето на земјите од регионот во Унијата.

„Ако му ја ускратиме на Балканот перспективата за членство (…), тогаш ќе го доживееме она што веќе го доживеавме во 1990-те години, и несомнено порано отколку подоцна“, рече челникот на ЕК, Жан-Клод Јункер.

Истакна, меѓутоа, дека патот до полноправното членство на земјите од западен Балкан во ЕУ е „уште долг“, бидејќи нивното напредување сé уште е „недоволно“ поради што за тоа не може да се зборува најрано „пред 2025 година“.

Но ЕУ мора „интензивно да се занимава“ со Балканот и да не дозволи да се роди идејата дека „не мислиме сериозно кога станува збор за перпсективата за членството“, имајќи предвид дека некои држави членки ја кријат својата резервираност, истакна Јункер.

„Почвата сé уште е плодна“ за воени судири во овој регион, оцени претседателот на Европската комисија во австриската престолнина Виена, каде што одржа говор во тамошниот парламент по повод одбележувањето на 100-годишнината од основањето на Република Австрија, во ноември 1918 година.

Јункер се зазема за тоа ЕУ да им предложи на земјите од западен Балкан воспоставување „економсми простор во кој би можеле да се развиваат, делумно на ист начин како кога еден ден ќе бидат членки“ на ЕУ. Истакна, исто така, дека „сите погранични спорови мораат да бидат решени пред пристапувањето“ за „ЕУ да не увезува нестабилност од Балканот“.

Европската унија ги започна пристапните преговори со Србија и со Црна Гора, додека Македонија и Албанија засега се само кандидати за членство, а Босна и Херцеговина и Косово допрва тежнеат кон добивање ваков статус.