Во првиот полуфинален дуел од англискиот ФА куп во саботата на лондонски „Вембли“, Манчестер Јунајтед со пресврт го совлада домашниот Тотенхем со 2:1, пласирајќи се во финалето на најстарото фудбалско натпреварување во светот.
Поведе Тотенхем со голот на Деле Али во 11 минута и сѐ до 24 минута го контролираше текот на натпреварот создавајќи неколку полушанси. Тогаш, Јунајтед неочекувано израмни преку Алексис Санчез и натпреварот доби сосема поинаков тек. „Црвените ѓаволи“ подобро се снајдоа во настојувањата на двете екипи да дојдат до водство, и тоа го сторија во 62 минута преку Андре Ерера. Фудбалерите на Тотенхем, иако ги вложија сите сили, не успеаја до крајот посериозно да го загрозат противничкиот голман.
Во недела се игра вториот полуфинален меч во кој се среќаваат Челзи и Саутемптон, додека финалниот натпревар ќе се одигра на 19-ти мај.