Јунајтед со победата над Челзи ја врати неизвесноста

Во дерби дуелот на 33-то коло од англиското фудбалско првенство, Манчестер Јунајтед на својот „Олд Трафорд“ славеше над Челзи со 2:0, со што ја врати неизвесноста во првенството.

Манчестерските „црвени ѓаволи“ ги совладаа лондонските „сини“ со головите на Маркус Рашфорд во 7 и Андре Херера во 49 минута. Интересно е што домашните ја победија водечката екипа во шампионатот речиси без помош од својот најдобар играч, шведскиот интернационалец Златан Ибраимовиќ кој на теренот влезе дури во 83 минута.

Со победата на Манчестер Јунајтед предводен Жозе Мурињо против својот некогашен клуб, всушност е прекината низата без победи над Челзи којашто траеше дури 12 натпревари. Пред ова, Јунајтед последен пат ги имаше поразено лондонците во октомври 2012 година.

Покрај тоа, овој резултат ја врати и неизвесноста во шампионатот, бидејќи сега на пет кола до крајот, Челзи има само четири бодови повеќе од градскиот ривал Тотенхем.

Во првиот натпревар од неделната програма Ливерпул со 1:0 славеше на гостувањето кај Вест Бромвич Албион, и тоа првпат по пет години.

Во интересниот меч во кој и Ливерпул имаше можности да дојде до поубедлива победа, а и ВБА да го избегне поразот, клучен беше голот што го постигна Роберто Фирмињо во судиското продолжение од првото полувреме.

На табелата во водство е Челзи со 75 бодови, Тотенхем е втор со 71 бод, Ливерпул сега е трет со 66 бодови пред Манчестер Сити со 64 бодови, додека Манчестер Јунајтед е на петтото место со 60 бодови но и два натпревара помалку.