„Манчестер Јунајтед“ славеше голема победа од 3:2 над „Манчестер Сити“ во последниот денешен натпревар од англиската Премиер лига. „Граѓаните“ одиграа перфектни 45 минути во кои два пати ги нокаутираат „ѓаволите“ и не му дозволија ниту еден шут на противникот кон нивниот гол. Сите помислија дека Компани и Гундоган со своите погодоци го носат „Сити“ кон официјализирање на шампионската титула, но гостите во продолжението го шокираа „Етихад“.
За пресвртот најзаслужен беше Пол Погба кој со два брзи гола во 53. и 55. минута го изедначи резултатот, за да во 69. минута Смолинг го постави конечниот резултат.
Давид Де Геа уште еднаш се покажа како херој на „Јунајтед“ откако Шпанецот со извонредна одбрана го спречи Кун Агуеро да изедначи и да го постигне својот 200-ти гол во дресот на „Сити“.
Имаше и една спорна ситуација во казнениот простор на гостите кога Јанг го собори Агуеро, ама судијата Еткинсон не се одлучи да покаже на белата точка.
„Јунајтед“ сега има 71 поен и е на второто место, додека „Сити“ со 84 поени е прв, меѓутоа ќе почека нова прилика за да стане нов шампион на Англија.